15 Години интервентна кардиологија во охридската Специјализирана болница за кардиологија
21 јун. 2021
21 Јуни е значаен датум за нашата установа, но и за македонската кардиологија. Пред точно 15 години на овој ден беше направена првата интервенција, во тогаш новоотворената Катетеризациона сала, единствена таква во државата, надвор од Клиниката за кардиологија во Скопје. Воведувањето на интервентната кардиологија како дејност, во тогаш популарно виканиот “Кардиоилошки Завод” значеше почеток на нова етапа во развојот на оваа установа, а беше резултат на несебичното залагање и огромниот ентузијазам на мала група на визионери, предводена од младиот Др. Никола Бакрачески. На првата интервенција и предходеше макотрпна борба за овој проект да доживее реализација, а која започна уште во 2002г: беше изработен Елаборат и Проект за воведување на интервентна кардиологија како дејност, прифатен од Министерство за здравство. Се изработи Градежен проект за изградба на Работна единица за Интервентна кардиологија, Оддел за Интензивна кардиолошка нега и реанимација како и Ургентна амбуланта со Дневна болница. Следеа градежни активности, паралелно со кои се организираше нашата дијаспора од САД и Канада која го донираше првиот ангиограф. Во исто време течеше и едукација на првиот интервентен кардиолог од Установата, Др. Бакрачески на Клиниката за Кардиологија во Скопје, Институтот за Кардиоваскуларни болести во Дедиње, Р.Србија, како и во повеќе вакви центри во САД и Европа. Круна на овие повеќегодишни залагања беше првата коронарографија , а веднаш по неа и првата перкутана интервенција на коронарните крвни садови со имплантација на стентови , направени со подршка на тим од Клиниката за кардиологија од Скопје на 21 Јуни 2006г .
Почетоците на една ваква комплексна дејност не беа воопшто лесни, потребно беше да се совладаат многу објективни и субјективни препреки, но намерите да се етаблира дејност која ќе доведе до енормно зголемување на квалитетот на кардиолошката заштита, спасување на стотици човечки животи и уште поголем број на превенирани трајни последици и инвалидност, беа непоколебливи. Со огромен ентузијазам и беспоштеден ангажман кој подразбираше работа без работно време, без викенди, без одмор се чекореше кон следнта цел- третман на пациенти со акутен миокарден инфаркт ( срцев удар) со примарни перкутани интервенции. Веќе во Јануари 2007 година се изведе првата ваква интервенција. Со ова и официјално се етаблиравме во регионален центар за третман на акутен миокарден инфаркт за целиот југозападен регион со околу 350 000 жители. По примерот на развиените земји трпеливо и упорно се создаваше мрежата и протоколите за третман на оваа животозагрозувачка сотојба, покрај во Охрид и во Струга, Кичево, Дебар, Македонски Брод, Ресен, Битола. Бројни стручни состаноци и средби со колегите од Интерните одделенија и Брза помош во овие места придонесоа денес да имаме современа мрежа за Акутен инфаркт која обезбедува адекватно згрижување на овие пациенти уште при нивниот прв контакт со здравствените работници, како и значајно кратење на времето за кое истите се донесени во нашата Катетеризациона сала, време кое може да се споредува со најразвиените здравствени системи во Европа. Во исто време се градеше и тимот кој обезбедува 24 покривање на оваа дејност. Докторите и сестрите беа упатувани на едукација како на Клиниката за Кардиологија во Скопје, така во голем број и на Институтот за Кардиоваскуларни болести во Дедиње. Во оваа прилика неизбежно е да се споменат имињата на Др. Лазар Ангелков, кое е тесно поврзано со почетоците на електрофизиологијата и електроспимулацијата како дејности во нашата установа како и на Др. Манговски кој беше незаменлива подршка на сите кои одеа на едукација во Дедиње, но и на тимот кој го пробиваше патот кон развиена Интервентна кардиологија овде, во Установата.
Паралелно со ова, се правеа напори да донесеме големи имиња од оваа област и кај нас, нешто што има непроценливо значење за развој на дејноста и за проширување на видот на процедури кои ги работиме. Па така во исто време им бевме домаќини и од нив учевме од Др. TachNguen, шеф на катеризациона лабораторија во ST.Marry Medical Center Hobar( 2006)t, Indiana, Др. Bonie Weiner, тогашен претседател на престижната SCAI (2007). Следеа повеќе рабоптилници на кои бевме домаќини и на кои и нашите , но и доктори од други институции во земјата имаа можност да учат од најдобрите: Др.Georg Sianos од Солун, Др. Ralf Langhoffод Берлин, Др. AraUgurluoglu од Салзбург , сите познати имиња во областа на својата експертиза во светската кардиологија.
Во текот на изминатите 15 години направени се близу 19 000 процедури, од кои близу половината се интервентни процедури.. ВИдот на интервенции постојано се зголемува , па денес Во нашата Катетеризациона лабораторија во редовната програма имаме интервенции на каротидни артерии и периферни артерии на нозете. Во постојан подем е и одделот за електрофизиологија и електростимулации.
Растот на бројот на изведени процедури и видот и сложеноста на интервенциите кои се изведуваат беше возможен како резултат на растот на тимот кој стои зад овие бројки. Па така денес имаме тим кој покрај Др. Сци. Никола Бакрачески кој го предводи, го сочинуваат и кардиолозите Др. Елена Коваческа Башуроска , Др. Стојан Митрески, Др. Дејан Манчески,др Јасмина Јованоски, Др. Рилинд Жаку и Др. Благоја Стефановски, Др. Дени Размоски и Др. Виолета Мојсовска, а тимот секако брои и голем број на сестри, како и тројца радиолошки техничари.
Нашиот значаен јубилеј на кој сме особено горди, за жал, оваа година, заради пандемијата ќе биде одбележан во рамки на установата без организирање на поголем настан. Се надеваме дека за следните јубилеи ќе се пофалиме со уште поголеми достигнувања и ќе ги одбележиме на посоодветен начин.
Во оваа прилика им се заблагодаруваме покрај на сите вработени, и на сите колеги кои години наназад не подржуваа и соработуваа со нас и секако огромна благодарност на нашите пациенти за укажаната доверба.