За Нас

Врз   основа  на  растечкиот  тренд  на  морбидитетот, инвалидитетот  и  морталитетот  од  карадиоваскуларните  заболувања,  како и  согледувајќи  ги  потребите  на  нашата  држава  за  превенирање, дијагностика, лекување, понатамошен  третман  и  рехабилитација  на  споменативе  заболувања,  по  иницијатива  на  наши  стручњаци  и   меѓусебна  соработка  на  стручно-медицински  кадри  на  Медицинскиот  центар од  Охрид  и  Клиниката  за  кардиологија  при  Медицинскиот  факултет  во  Скопје, Советот на Медицинскиот центар -Охрид  со  одлука  од 24.04.1980 г.  пристапи кон основање на Центарот за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања - Охрид .
После извршените подготовки нашата  Институција  и формално беше свечено отворена и пуштена во работа на 25.04.1982година.

Центарот беше стациониран во хотелот Славија  со капацитет од 120 болнички кревети. Беше оформена стручна екипа од 23 вработени, од кои 4 доктори на медицина,еден специјалист интернист, среден медицински и друг помошен технички  персонал, а во однос на опрема беа пуштени во функция за тоа време најсовремени апарати за ЕКГ, коронарен стресс тест, ехокардиографија, лабораторија, телеметрија, ергометрија и друга придружна апаратура. Стручното раководење на Центарот беше под контрола на Клиниката за кардиологија-Скопје,со постојано присуство на наставен кадар од клиниката.
Почнувајќи  од  1983 год. Центарот располага и со свои специјалистички кадри од редот на вработените, кои покрај  во  нашата  држава  апсолвираат низа постградуални  студиски едукативни престои и  во други  институти и центри  за  кардиологија  и  рехабилитација  како Белград, Нови Сад и Нишка Бања (Србија), Опатија и Крапинске Топлице (Хрватска), Братислава (Словачка),Прага (Чешка), Минхен (Германија), Љубљана (Словенија) и други.

На 9 септември 1986 г., со одлука на Окружниот стопански суд во Битола, нашиот  Центар  е  преконструиран во Завод  за  превенција, лекување  и  рехабилитација  на  кардиоваскуларни  заболувања  со  целосна  одговорност.
За  жал  сите  тие  а  и  наредните  години  нашата  институција  се  соочуваше  со  проблем  од  круцијален  карактер  односно  нерешено  просторно  и  стамбено  егзистирање. Сепак  најмногу  благодарение  на  огромното залагање  на  вработените беше  постигнат  договор со друштвото на воените инвалиди и борци од НОВ за користење на стариот објект "Сутјеска" во месноста "Свети Стефан" крај брегот на Охридското езеро. След тоа со голем  ентузијазам  на  вработените, нивното  пожртвувано  и  несебично  ангажирање  беа обезбедени средства и реновиран и адаптиран објектот за здравствена дејност, така што од 1994 год. па до денес Заводот работи во новите  простории.